Историјат

Нешто повеќе од седум децении се изминати од формирањето на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје,  период со кој коинцидира и постоењето на првите неколку факултети кои биле јадрото на формирањето на Универзитетот. Имено, по формирањето на Филозофскиот факултет во 1946 г., веќе во 1947 г. се формирани и Земјоделско-шумарскиот, Природно-математичкиот и Медицинскиот факултет и со тоа се создале услови за основање на она што засекогаш ќе биде првиот и најстар универзитет на Република Македонија.

 

По основањето на Шумарскиот факултет во 1947-ма година, во аналите ќе остане запишана и 1950-тата, како година во која дипломираа првите шумарски инженери, од првата генерација студенти од одделот Шумарство на тогашниот Земјоделскошумарски факултет. Во истата година е формирана шумско-опитната станица, како посебна функционална единица на факултетот. Во нејзини рамки се етаблирани неколку наставно-научни објекти на локалитети во Трубарево и Китка крај Скопје, како и во Крушево, на Караорман, и во кавадаречко Крушино. Сите објекти служеле за долгорочни опити од повеќе области од шумарските науки, а во многу случаи биле користени и за наставни цели за додипломските и постдипломските студенти. Во таа година е официјализиран и дендропаркот, чие формирање започнало во 1947 година. Дендропаркот на моменти броел и до 600 видови дрвенести или зелјести растенија, и со тоа бил меѓу највредните паркови во поширокиот регион, а според бројот на растителни видови и најбогат. Низ годините, површината на оригиналниот дендропарк е намалена поради изградба на неколку објекти на УКИМ, или пак на комерцијални објекти и заради проширување на околната патна инфраструктура.

 

Во текот на своето постоење, Шумарскиот факултет минувал низ повеќе фази, било од административна или организациска природа, или пак заради промени кои се поврзани само со наставни аспекти, односно со наставните програми.

 

Една од позначајните промени е направена во 1975 година, кога, од дотогаш заедничкиот Земјоделско-шумарски факултет, созреале условите за осамостојувањето на две засебни единици на УКИМ, и тоа Земјоделски и Шумарски факултет. Тоа е направено со одлука на Собранието на С.Р. Македонија, а само една година потоа, во 1976 доаѓа до спојување на Шумарскиот факултет и на Шумарскиот институт, инаку формиран пред крајот на Втората светска војна, во 1944 година.

 

Друга поголема институционална промена се случила во почетокот на 2011 година, кога од Шумарскиот факултет се издвои тогашната интерна организациона единица, Институтот за дрвна индустрија, и се формира нов факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје, Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер. Од тој момент, Шумарскиот факултет еволуира во нова фаза, во која науките и уметностите поврзани со дрвната индустрија и дизајнирањето мебел и ентериер не се веќе фокус на интерес. Со задоволство мора да се истакне дека односите меѓу двете институции се блиски, и постои одлична соработка, како од аспект на едукативни активности, така и за научно-истражувачки, онаму каде што постои сродност, комплементарност, потреба и можности.

 

Една од основните позитивни карактеристики на високото образование е способноста за постојана еволуција и прилaгoдување. Според таа способност може да се оценува квалитетот на институциите, односно на универзитетите, а следствено на тоа и на цели општества. Инертно и нефлексибилно високо образование, особено во современиот крајно динамичен свет во кој живееме, не само што нема да ја исполнува својата основна општествена цел, туку може да претставува и фактор со посериозни негативни импликации, односно фактор кој придонесува за заостанување во однос на другите општества и нации. Наставно-научниот персонал на Шумарскиот факултет во Скопје, ги има предвид овие премиси и низ своето седумдесет и три години постоење во многу наврати реализирал поголеми и помали промени и прилагодувања на наставниот процес и на студиските програми, во согласност со светските трендови во шумарството и во животната средина. Секојпат, основна цел била осовременување на наставниот процес и на курикулумите и постигнување компатибилност со соодветните програми од сродните факултети на европските универзитети, и таа цел била постигнувана. Така, освен едукација и оформување на кадри од областа на класичното шумарство, според потреби и трендови кои зависеа или беа иницирани од поширок општествен интерес, на Шумарскиот факултет се создаваа и се адаптираа наставни програми преку кои се образуваа кадри со различни, специфични квалификации. Според тоа, освен за шумарство, на факултетот низ одредени години и периоди се квалификуваа кадри за одгледување на шумите и мелиорации, за искористување и транспорт, за пејзажно дизајнирање, за унапредување на животната средина, за механичка технологија на дрвото и др. Од истите побуди, Шумарскиот факултет се зафати со поголеми промени низ последниот процес на акредитација (2012г.), и истовремено со измени и дотерување на постоечките насоки „Шумарство“ и „Пејзажно дизајнирање“, се воведе сосема нова насока – „Екоинженеринг и екоменаџмент“.

 

Од неодамна, крајот на 2019 г. и почетокот на 2020 г., Факултетот доживеа нова, поголема промена преку своето ребрендирање во Факултет за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“, именуван во чест на академик Ханс Ем – директор на Шумарскиот институт на НРМ, основоположник на факултетот и истакнат научен деец од областа на шумарството.

 

Шумите на Македонија се еден од нашите најважни ресурси, а со нив се поврзани бројни други вредности, сите еднакво важни, од материјално-финансиски, преку социолошки, до еколошки. Сите релевантни фактори кои директно дејствуваат или се поврзани со шумарството и со животната средина се помалку или повеќе поврзани и со Шумарскиот факултет. Дејствувањето на факултетот, секогаш било во тесна корелација и со тие ентитети, било да се владини (јавни претпријатија, министерства, национални паркови, заштитени подрачја) или пак комерцијални или невладини институции. Се надеваме така да остане и во иднина, и дека соработката уште повеќе да се продлабочува.