ШУМАРСКИ ФАКУЛТЕТЛого-УКИМ   
  Бул.Александар Македонски бб • 1000 Скопје • тел.(02) 3135033 English   
 
на почеток  •  додипломски студии


НАЧИН НА СТУДИРАЊЕ

ДОСЕГАШНА НАСТАВНА ДЕЈНОСТ

Првата студиска програма (наставен план) е усвоена со основањето на факултетот, и тоа како четиригодишни студии по Шумарство, во рамките на тогашниот Земјоделско – Шумарски факултет. Првите измени во наставниот план се направени во 1972 година кога се отворени и четиригодишни студии по дрвна индустрија. Поголеми измени и дополнувања во наставните планови за Шумарство се направени во 1981 година кога се формирани две насоки и тоа: насока Одгледување и мелиорации на шумите и насока Искористување и транспорт. Со тоа на факултетот се студирало по 3 (три) студиски програми (наставни планови). На вака конципирани студии студирале само три генерации, така што од 1984 година наставата се организира по еден наставен план за студии по Шумарство и еден наставен план за студии по Дрвна индустрија. Во 1992 година повторно се извршени мали измени и дополнување на наставните планови во двете насоки. Во 1998 година на Шумарскиот факултет се оформуваат 4 (четири) насоки и тоа:

  • Шумарство;
  • Озеленување и унапредување на животната средина;
  • Механичка технологија на дрвото;
  • Проектирање и технологија на мебел и ентериер.

По тие наставни планови (студиски програми), и денес се организира наставата на Шумарскиот факултет во Скопје, кои се предмет на трансформација во овој проект.

ИЗМЕНИ И ДОПОЛНУВАЊА ВО ОДНОС НА ДОСЕГАШНИОТ НАЧИН НА СТУДИРАЊЕ

Шумарскиот факултет како членка на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј”, во рамките на реформите на високото образование во нашата земја, ја промовира меѓу универзитетската соработка и мобилноста на студентите на институционално, национално и меѓународно ниво, со цел подобрување квалитетот на високото образование од областа на шумарството и животната средина. Измените и доплнувањата на студиските програми, претставува основа за целосна реорганизација (трансформација) на наставата согласно постулатите на кредит трансфер системот (КТС), компатибилен со Европскиот кредит трансфер систем (ЕКТС). Реорганизацијата на наставата подразбира:

  • потполно преминување кон семестрална настава,
  • воведување изборност во наставата,
  • рационализација на предметните програми преку намалување обемот на контакт часови, а зголемување на индивидуалните активности на студентот,
  • воведување нови методи на учење: семинари, домашни работи, индивидуални проекти, практична работа,
  • воведување нови методи за проверка на знаењето, преку континуирано учење и проверка на знаењето, како и транспарентен систем на формирање завршна оценка со бодовна скала, преку која студентот знае како му се вреднува активноста, трудот и знаењето по секоја предметна програма,
  • во најголем број случаи премин на писмена проверка на знаењето,
  • воведување на три испитни сесии.

ПРАВИЛА ЗА СТУДИРАЊЕ - КРЕДИТ СИСТЕМ

Применувајки го Правилникот за единствените правила за студирање на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје, како и Правилникот за единствените основи за кредит системот и преминот од една на друга студиска програма и преминот од една на друга високообразовна установа во состав на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје, Шумарскиот факултет го подготви информациониот пакет во кој ќе бидат презентирани студиските и предметните програми, како и новите правила на студирање и кредит системот. Секој наставен предмет е кодиран со што трајно се дефинира предметната програма врзана за определен код, како и методите на учење и начинот на проверка на знаење и оформување оценка. Секој наставен предмет дефиниран со определен код, се изразува со точно определен број кредити, со кои се искажува оптовареноста на студентот за неговото совладување во рамките на целокупниот ангажман на студентот. Условите кои треба да ги исполни студентот за успешно завршување на предметната програма ги утврдува факултетот со нејзиното прифаќање.

ОЦЕНУВАЊЕ

  • Како мерило за квалитетот на завршената работа и понатаму останува оценката, искажана од 5 (пет) до 10 (десет), при што оценката 5 (пет) покажува недоволен успех (знак за незавршена работа) за кој не се доделуваат кредити, а оценката 10 (десет) како оценка за најдобро завршена работа.
  • Елементи за оформување на оценката се: посета на предавања и вежби, семинарски работи, елаборати, проверка на знаење. Истите се пропишани за секоја предметна програма одделно.
  • Проверката на знаење се врши континуирано во текот на семестарот и како завршно оценување на крајот на семестарот.
  • Оценката се формира транспарентно врз основа на освоени бодови (поени) по сите основи.

ИСПИТНИ СЕСИИ

  • февруарска (од 16 јануари до 10 февруари)
  • јунска (од 1 јуни до 30 јуни)
  • септемвриска (од 1 септември до 25 септември)

Термините за завршно оценување за секоја испитна сесија се закажуваат на почетокот на семестарот и се огласуваат на огласната табла. Секоја испитна сесија е со две декади, со можност студентот да се јави на завршно оценување и во двете декади. Во рамките на испитните сесии кои следуваат по отслушувањето на предметната програма, студентот на завршно оценување може да се јави најмногу 4 (четири) пати, од кои, по негово барање, четвртиот пат пред комисија. Доколку студентот на завршно оценување 4 (четири) пати покаже недоволен успех, предметната програма ја слуша повторно. Следење, водење и административна подршка на студентите во текот на студирањето, се регулира со интерен акт на факултетот.

УЧЕБНА ГОДИНА И СЕМЕСТРИ

Учебната година започнува на 1-ви октомври, а завршува на 30-ти септември следната календарска година. Временска единица за апсолвирање на предметна програма е семестарот во траење од 15 недели. Семестрите во рамките на учебната година се именуваат како Зимски и Летен. Наставата во зимскиот семестар започнува на 1-ви октомври, а завршува на 15-ти јануари следната календарска година. Наставата во летниот семестар започнува на 15-ти февруари, а завршува на 30-ти мај истата календарска година.

СТЕКНУВАЊЕ ЗВАЊЕ

Со завршување на додипломските студии, односно со освојување на 240 кредити, студентот се стекнува со академско звање:
- Дипломиран шумарски инженер;
- Дипломиран инженер по дрвна индустрија
.

 
   
Вести, збиднувања ...



 

Студентски активности
• ДРЕН – Здружение на студентите на Шумарски факултет
• IAESTE

• Збиднувања

 

Линкови
• УКИМ
• ЈП „Македонски шуми“
• Проверка на Е-пошта
  © 2006 Шумарски факултет - Сите права се задржани